Кружна населба го маѓепса светот

На периферијата на Копенхаген, една сосема необична глетка во ерата на зголемената урбанизација е вистински мелем за очите. Брондби Хавеби е населба составена од куќи наредени во кругови, а ги опкружува бујно зеленило заради заштита на приватноста на жителите на „градот на градините“.

Сцената, која се чини дека е од друга планета, ја снимил фотографот Хенри До, а неговите кадри од ова бајковито одморалиште, познато и како Брондби Гарден Сити, го обиколија светот.

-Бев во Копенхаген во Данска и наидов на нешто што личи на вонземјанска цивилизација. Се изненадив кога дознав дека ова е само мал дел од она што се нарекува „градинарска колонија“, градинарски простор што данските граѓани можат да го изнајмат за да одгледуваат растенија. Ако живеете во град, јасно е дека просторот е исклучително ограничен, па затоа ова е совршен начин да имате сопствена градина и да ѝ се вратите на природата – вели До.

Населбата се состои од 26 кружни градини изградени во 60-тите години на минатиот век, а секоја од нив се состои од околу 16 приватни парцели во форма на триаголник. Вкупно 284 куќи обезбедуваат тивко место за бегство од градскиот шум и загадувањето.

„Додека се возите низ Брондби, ви изгледа како и секоја друга населба на планетата. Но, кога го подигнав дронот и го погледнав местотo од воздухот, перспективата ми се смени. Погледот на ова место од воздухот беше неверојатен – открива фотографот.

Идејата за „градинарски град“ беше одобрена во 1964 година кога општината Брондби одлучи да одвои простор за заинтересираните граѓани кои сакаат да го доживеат животот во природа.

Тогаш, пејзажниот архитект Ерик Мигинд излегол со идеја да создаде нетипична форма на населба инспирирана од изгледот на скандинавските села од 18 век и сето тоа со цел подобро поврзување и интеракција меѓу станарите.

На сопствениците им е дозволено да живеат во кружниот рај шест месеци годишно, од април до октомври и да се грижат за своите градини. Централниот дел на кружната градина служи како паркинг и место за собирање на жителите на овој кружен зелен град, каде што често се организираат разни социјални активности.

]]>

Најчитани вести