Лекарот на данската фудбалска репрезентација, Мортен Боесен откри што се случувало во моментот кога лекарскиот тим се обидувал да му помогне.
„Веднаш истрчавме на теренот. Кога стигнавме до него тој дишеше и имаше пулс. Сепак, одеднаш пулсот исчезна. Веднаш интервениравме. За среќа, тој остана со нас“, изјави Боесен за данските медиуми.
Лекарот вели дека Данецот бил спасен со вештачко дишење.
„Лежеше неподвижен и без пулс, па започнавме со вештачко дишење. Токму тоа го спаси. Многу ни помогна и лекарот на стадионот (покрај лекарите на тимот, УЕФА на терен има и свои т.н. стадионски лекари за поголема безбедност за здравјето на играчите), со чија помош го освестивме Ериксен”, заклучи Боесен.

Селекторот на Данска, Каспер Хамленд, денеска соопшти дека Ериксен се чувствува добро и е во стабилна состојба, а откри и дека добил изненадувачка порака од него.

„Мислам дека се чувствувате полошо од мене, но јас сум подготвен да тренирам со момците“, му пишал на данскиот тренер еден од неговите најдобри играчи.
Претходно беше потврдено дека причината за падот на Ериксен е срцев удар, а според зборовите на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Данска, Питер Мелер, лекарскиот тим на теренот му извршил масажа на срцето.
-За среќа, тој се освести додека го напушташе стадионот – изјави Мелер.
Натпреварот помеѓу Данска и Финска беше во прекин 90 минути, но продолжи од 43. минута.
Мелер изјави дека за играчите на Данска било многу важно тоа што Ериксен е добро пред тие да продолжат да играат и дека сакаат да му оддадат почит на Ериксен со тоа што ќе го довршат натпреварот.
]]>


