Сведоците велат дека виделе раскрварени тела на земјата пред терминалот и додаваат дека не знаат дали жртвите загинале во престрелка или во стампедото.
Американската војска, која ја одржува безбедноста над аеродромот за да обезбеди заминување на странските дипломати и граѓани, се уште не ги коментирала овие изјави, пишува „Wall Street Journal“.
„Толпата е надвор од контола. Се пукаше во воздух за да се спречат луѓето да одат на пистите“, вели извор за Ројтерс.
Многу Авганистанци доаѓаат на аеродромот охрабрени од вестие и објавите на социјалните медиуми, иако немаат ниту авионски билети или визи за да заминат во странските земји.
„Страв ни е да живееме во овој град и се обидуваме да избегаме“, изјавил 25-годишниот Ахмед за Ројтерс.
„Прочитав на Фејсбук дека Канада прифаќа баратели на азил од Авганистан. Служев војска и Талибанците сигурно ќе ме бараат“, објаснил тој.

Талибанците вчера влегоа во Кабул и ја окупираа претседателската палата, откако претседателот избега во Узбекистан.
Портпаролот на Талибанците Мохамед Наим рече дека војната во Авганистан е завршена, дека сакаат да имаат односи со меѓународната заедница и оти сакаат тоа да го постигнат преку дијалог.
– Го постигнавме она што го сакавме, а тоа е слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ. Подготвени сме да разговараме со сите фактори во земјата и да им ја гарантираме потребната заштита, рече портпаролот Наим, додавајќи дека Талибанците ги почитуваат правата на жените и малцинствата и слободата на изразување во рамките на шеријатското право.
Талибанците ги повикаа граѓаните „да си одат дома“ и порачаа дека цивилите нема да бидат повредени.
Повеќето странски дипломати беа евакуирани веднаш, а на аеродромот во Кабул владее хаос. Илјадници Авганистанци очајнички се обидуваат да избегаат од земјата која сега е под власт на Талибанците.
]]>


