„Жалам поради неговото заминување, но мило ми е што постоеше“: Холивуд се збогува со Џин Хекман

Актерот Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава беа пронајдени мртви во нивниот дом во Ново Мексико.

Џин Хекман и Бетси Аракава починале во нивниот дом во Санта Фе, а до нив е пронајдено телото на нивното куче, објави нова.рс.

Од нив сега се збогуваат колегите, а меѓу другите на социјалните мрежи се огласи и режисерот Френсис Форд Копола.

„Жалам поради неговото заминување, но се радувам што постоеше и инспирираше многумина со својата работа“, напиша Копола.

Џош Бролин изјави дека е целосно уништен од веста за смртта на Џин.

„Тој отсекогаш беше еден од моите омилени. Почивај во мир“, рече меѓу другото, пренесува USA Today.

И Џорџ Такеи се прости од колегата.

„Изгубивме еден од гигантите на големиот екран. Хекман можеше да игра каква било улога, беше толку одличен актер. Ќе ни недостига, но неговата работа ќе живее вечно“, изјави Такеи.

Антонио Бандерас се огласи на социјалната мрежа Х, објави фотографија од Џин и неговата сопруга.

„Многу тажен ден за филмското семејство. Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава починаа. Моето најдлабоко сочувство до пријателите, семејството и љубителите на филмот“, напиша тој.

Најчитани вести