Пошумувањето значајна мерка за намалување на негативните ефекти од пожарите

Природно, шумите можат да се обноват во период од 50 до 100 години, сметаат експертите. Актуелните пожари во Македонија, во соседните и европските земји ги загрижуваат експертите, бидејќи се уништува непроценливото богатство-шумите. Според Бојан Михајловски, магистер по шумарски науки, зголемената фреквенција и интензитет на пожарите во последните две децении во Македонија се последица на климатските промени.

-Намалениот број на врнежи, зголемената температура, продолжениот период на суша и другите фактори креираат услови коишто се погодни за појава на пожари на ниво на предел, вклучувајќи ги и шумските пожари. И овој фактор е значаен дури и клучен во моментите за управување со пожарите. За Македонија е важно дека е потребно адаптивно управување со пожарите, каде што ќе се потенцира и делот за климатските промени, фактор којшто во последниот период ни дава предизвици со кои ќе се справуваме и во иднина, изјави Михајловски.

Пoсочува дека пpиродниот процес на обнова е долг, опожарената површина првин се обновува со брзорастечки растенија, следува фаза на грмушки и нискостеблести растенија, дури после 50 до 100 години, за некои екосистеми и повеќе, се формираат и долговечни насади.

-Опожарувањето е штетно, не само за шумите туку и за биодиверзитетот, се поместува еколошкиот баланс кој природата го формирала. Негативните ефекти има како појава на ерозија, свлечишта, уништување делумно и понекогаш целосно на органскиот слој во почвата од која главно зависи плодноста на почвата, и уништување на други инфраструктурни објекти. Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување, вели Михајловски и посочува дека важно е да се пошумува со автохтони видови дрвја.

-Тие полесно се приспособени на локалните климатски и почвени услови. Садењето мешани насади наместо монокултури, ја зголемува отпорноста на идни пожари и болести, вели Михајловски.

Анализите покажуваат дека едно евро вложено во превенција на пожари може да заштеди до осум евра во нивно гаснење и санација. Експертите препорачуваат воведување итни реформи и инвестиции во превенцијата.

МИА

Најчитани вести