Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за естонскиот медиум „Postimees“, меѓу другото ја критикува стратегијата на Европската Унија во надворешните работи и безбедноста на глобалните интереси.
Тој нагласува дека било грешка што Европа им дозволила на САД да ги водат преговорите со Русија.
– Не беше само обична грешка. Според мене, ова е став што не е соодветен за голема сила како Европа, бидејќи историјата на Европа е секако историја на војни, но и историја на дипломатија и преговори. Значи, можеме да ја поддржиме Украина до крај во нивната праведна борба против агресијата, но во исто време не можеме – мислам на Европа – да не разговараме со Русија, вели Рама, објави Топ чанел.
Додал дека „Русија не оди никаде, таа е тука за да остане и мора да се вразуми на еден или друг начин кога станува збор за односите со Европа“.
– Но, Европа исто така треба да бара дипломатија и разговор. Израел и Хамас се задушуваа меѓусебно, но постојано разговараа, оценил тој.
Рама се задржал и на процесот на евроинтеграција на неговата земја, нагласувајќи дека и покрај „предизвиците од бавноста на европските процеси, Албанија останува решена да стане членка на ЕУ до 2030 година, поддржувајќи дипломатски и практичен пристап кон меѓународните односи“.
МИА


