Силен земјотрес рано изутринава го погоди подрачјето долж брегот на италијанската област Калабрија, а потресот бил почувствуван дури до Неапол, јавуваат италијанските медиуми.
Епицентарот на земјотресот бил во Тиренското Море, во близина на градот Козенца, околу 240 километри југоисточно од Неапол.
Според Италијанскиот институт за геофизика и вулканологија магнитудата на потресот изнесувала 6,1, со епицентар на длабочина од околу 250 километри.
Според италијанската национална агенција АНСА, земјотресот бил почувствуван низ цела Калабрија, како и во поширокото подрачје околу вулканот Везув и источно во регионот Базиликата.
Засега нема информации за предизвикани материјални штети или повредени лица.
МИА


