Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рамковен договор со Иран може да се постигне „во текот на следната недела“, објави синоќа американскиот радиодифузер Еј-би-си Њуз (ABC News).
Трамп во телефонско интервју за Еј-би-си рече дека меморандумот за разбирање за повторно отворање на Ормуската Теснина и продолжувањето на сегашниот прекин на огнот може да биде завршен и договорен „во текот на следната недела“, пренесе ДПА.
„Треба да добијам уште неколку поени“, рече Трамп, објави Еј-би-си, додавајќи дека документот сè уште не го потпишал.
И од иранска страна нема јавна потврда дека договорот е постигнат, пренесува германската агенција.
Трамп претходните недели објави амбициозни временски рокови за дипломатски иницијативи кои подоцна беа одложени.
САД и Иран интензивно ја преговараат рамката на договорот за завршување на војната, вклучително и продолжување на прекинот на огнот што е во сила од 8 април. И покрај примирјето, двете страни во последните недели неколку пати разменија спорадичен оган.
САД и Израел ја започнаа војната против Иран на 28 февруари, потсетува ДПА.
МИА


