Европската комисија не ја исклучува можноста за финансирање центри за мигранти надвор од ЕУ

Европската комисија денеска не ја исклучи можноста да обезбеди европско финансирање за центри во земји надвор од Европската Унија каде што би биле сместувани мигранти без право на престој во ЕУ додека се подготвува нивното враќање во матичните земји.

– Подготвени сме да разговараме за зрели предлози – изјави портпаролот на Европската комисија на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој појасни дека земјите членки самостојно утврдуваат кои мигранти немаат основа за престој и треба да бидат вратени.

– Клучен дел од праведен миграциски систем е враќањето на лицата кои немаат право на престој. Тоа е услов за зачувување на правото на азил – истакна портпаролот.

Според него, ќе бидат враќани само мигранти кои ја поминале целата процедура за барање азил и добиле конечна одлука за одбивање на нивното барање.

Во врска со очекуваната средба во Брисел со претставници на талибанците за враќањето на авганистанските државјани без право на престој во ЕУ, за кои е утврдено дека претставуваат безбедносен ризик или извршиле тешки кривични дела, портпаролот рече дека „работата продолжува“.

Тој потсети дека таква средба пред неколку месеци побарале 20 земји од ЕУ и од Шенген-зоната и повтори дека разговорите ќе се водат на техничко ниво и не претставуваат признавање на талибанската власт во Авганистан.

Последните измени во европското миграциско законодавство создадоа можност за воспоставување центри надвор од ЕУ каде што мигрантите ќе чекаат враќање во матичните земји откако нивните барања за меѓународна заштита ќе бидат одбиени.

Со законските измени е воведена и обврска земјите членки меѓусебно да ги признаваат и да ги спроведуваат одлуките за одбивање на меѓународна заштита. 

МИА

Најчитани вести