Плановите за одржување на Самит на НАТО во Албанија следната година се доведени во прашање поради спротивставувањето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и незадоволството меѓу членките на НАТО поради ниските расходи на Тирана за одбрана, објавија денеска албанските медиуми повикувајќи се на изјави на неименувани дипломати од НАТО и европски официјални лица.
Во нацрт-изјавата за Самитот на НАТО во Анкара, што треба да се одржи следната недела, засега не се споменува одржувањето на следниот состанок во Албанија.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година.
Во април годинава британските медиуми објавија дека НАТО размислува да ја прекине својата неодамнешна практика на одржување годишни самити, потег што би можел да избегне потенцијално тензична средба со Трамп подоцна во неговиот мандат.
Изминатите години официјалните изјави од самитите на НАТО обично експлицитно ја споменуваат локацијата на следниот состанок. Самитот на НАТО (36. по ред) во Турција ќе се одржи на 7 и 8 јули.

На самитот во Хаг минатата година, лидерите изјавија дека „се радуваат на следниот состанок во Турција во 2026 година, по што ќе следи состанок во Албанија“.
На тој Самит, лидерите на НАТО одговорија на барањата на Трамп ветувајќи дека ќе издвојат пет проценти од нивниот бруто домашен производ за одбрана и мерки поврзани со одбраната во рок од една деценија.
Но, додека многу земји-членки на НАТО ги зголемија своите буџети за одбрана во последните месеци, некои се борат дури и да ја исполнат претходната цел на алијансата од два отсто од БДП.
Албанската влада неодамна објави дека „ги финализира потребните фискални мерки за усогласување на одбраната и трошоците поврзани со одбраната на Албанија за 2026 година со траекторијата договорена од сојузниците на НАТО на самитот во Хаг. Откако овие мерки ќе бидат усвоени во следните неколку дена, трошоците за одбраната на Албанија за 2026 година ќе изнесуваат 2,6 проценти од БДП, во согласност со методологијата за трошоци за одбрана на НАТО. Од ова, 2,2 проценти од БДП се за основни трошоци за одбрана, додека 0,4 проценти од БДП се за други трошоци поврзани со одбраната и безбедноста.
МИА


