Германската Влада негира дека платила на исламистичкиот режим на талибанците во Авганистан за да ги прифатат депортираните авганистански државјани од Германија, изјави портпаролка на министерот за внатрешни работи Александер Добринт за ДПА.
Изјавата доаѓа по прашање од партијата Левица за тоа дали талибанците добиле пари за прифаќање на 81 маж депортирани во јули. Според германските покраински власти, овие мажи биле осудени за кривични дела, вклучувајќи убиства, сексуални престапи, насилни злосторства и дела поврзани со дрога.
При транспортот на аеродром, во 38 случаи биле користени средства за физичко ограничување.
Летот во јули беше олеснет од Катар во рамките на стратешкото безбедносно партнерство, без да бидат исплатени какви било надоместоци, соопшти владата, одбивајќи да даде дополнителни детали поради доверливост.
Портпаролката на Левицата Клара Бунгер, го критикуваше пристапот на владата. – Федералната влада троши огромни суми на депортациски летови, соработува со автократи и тврди дека тоа создава поголема безбедност – тоа е лага, рече таа.
Германската влада работи на воспоставување постојан механизам за враќање на Авганистанци во нивната земја, а сите правни и оперативни опции се разгледуваат, додаде портпаролката на Добринт.
Не е јасно дали идните депортации ќе се организираат со помош на Катар.
Од преземањето на власта од страна на талибанците во Кабул во август 2021 година, Германија извршила две депортации на Авганистанци. Покрај јулската депортација, во август 2024 година, 28 осудени престапници биле депортирани во авганистанската престолнина. Во првите осум месеци од 2025 година, само 33 Авганистанци ја искористиле понудата на германската влада за доброволно, субвенционирано враќање во Авганистан, додека пет други доброволни заминувања биле поддржани преку државни програми.
МИА


