Славењето на ослободителната пресуда се престорило во кошмар: Oд луксузната јахта спасено едногодишно бебе, се стравува дека милијардерот, неговата ќерка, директорот на банката „Морган Стенли“ и останатите се заробени во нивните кабини

Во близина на брегот на Сицилија потона суперјахтата „Bayesian“ на претприемачот и милијардер Мајк Линч, кој заедно со неговата ќерка и уште четири лица се водат како исчезнати во инцидентот. Иако некогаш важеше за „златното момче“ на британскиот технолошки сектор, Линч помина повеќе од една деценија влечејќи се по судови откако ја продаде својата компанија за 11 милијарди долари. Неговиот деловен партнер загинал во сообраќајна несреќа два дена пред да потоне јахтата.

На луксузната јахта „Bayesian“ која потона во близина на брегот на Сицилија, имало 22 лица, од кои едно лице загинало при потонувањето, шест исчезнале, а 15 се спасени. Меѓу исчезнатите по кои трага италијанската крајбрежна стража се Џонатан Блумер, член на меѓународниот одбор на банката „Морган Стенли“ и Крис Морвило, адвокат од една од најголемите адвокатски канцеларии во светот, Клифорд Ченс, како и милијардерот Мајкл Линч и неговата ќерка.

Луксузната јахта долга 56 метри била закотвена во близина на пристаништето Портчело кога во понеделникот во раните утрински часови ненадејно ја погодило страшно невреме.

Невремето било толку силно што јарболот висок 72 метри го скршило на половина, по што јахтата изгубила рамнотежа и потонала.

Во несреќата загинал готвачот на бродот, а крајбрежната стража спасила 15 лица, меѓу кои и сопругата на Линч, како и едногодишно девојче кое било спасено од нејзината мајка.

Преживеаните од јахтата велат дека Линч го организирал крстарењето за своите колеги од работа.

Проклетството на британскиот Бил Гејтс
Пред 20 години Мајк Линч важеше за „златно момче“ на британскиот технолошки пазар. Тој го искористи својот талент и револуционерно истражување на Универзитетот во Кембриџ за да ја лансира „Autonomy“, која брзо стана најголемата софтверска компанија во Британија.

Медиумите го нарекоа британскиот Бил Гејтс, но во последните десет години тој го помина поголемиот дел од времето влечејќи се по судови и бранејќи се од обвинувањата за измама во врска со продажбата на неговата компанија на американскиот технолошки гигант „Hewlett-Packard“ за 11. милијарди долари.

Правната агонија конечно заврши во јуни кога поротата во Сан Франциско го ослободи од обвинението, по што беше ослободен и од домашен притвор. Крстарењето со јахтата по Медитеранот требало да биде прослава на ослободителната пресуда.

Неколку часа по инцидентот на брегот на Сицилија, медиумите јавија за смртта на Стивен Чембрлен, кој заедно со Линч пред судот се бранел од обвиненијата за измама.

Чембрлен бил удрен од автомобил додека џогирал во саботата наутро. Ројтерс објави дека тој бил однесен во болница и ставен на апарати за одржување во живот, но неговиот адвокат подоцна изјавил дека починал како последица на фатална сообраќајна несреќа.

Нуркачите и спасувачите на италијанската крајбрежна стража се на местото на потонувањето на јахтата. Се стравува дека исчезнатите останале заробени во нивните кабини, а според италијанските медиуми, нуркачите наводно „виделе телата како излегуваат од прозорците на бродот“.

Портпаролот на службата Франческо Венуто изјави за Би-Би-Си дека веруваат дека телата на исчезнатите се уште се на бродот.

„Баравме цел ден со хеликоптери и чамци. Не најдовме ништо. Во овие временски услови, досега нешто ќе откриевме“, додаде Венуто.

Најчитани вести