Учениците кои се агресивни кон наставниците парично ќе бидат казнувани во Италија

Расте загриженоста за агресијата насочена кон наставниците расте во Италија, па повторно е воведена мерка за оценување на однесувањето на учениците.

Таканаречената оценка за управување е слична на мерката која првпат ја воведе фашистичката влада на Бенито Мусолини во 1924 година и е дел од нацрт-законот за образование усвоен од парламентот во средата. Со овој закон на училиштата им се овозможува да ги оценуваат учениците и врз основа на нивното однесување, пренесува „The Guardian“.

Овие оценки ќе имаат големо влијание за полагање на матурата, а учениците кои немаат задоволителна оценка ќе го повторуваат одделението. Оние кои се на граница ќе треба да полагаат тест за граѓанско образование. Казни од 500 до 10.000 евра се воведени и за агресија или насилство врз училишниот персонал.

Министерот за образование Џузепе Валдитара изјави дека со ова се враќа важноста на индивидуалната одговорност, почитувањето на луѓето и јавните добра и го враќа авторитетот на наставниците.

Новата мерка беше поддржана од Италијанската асоцијација на директори на училишта (АНП). Тие бележат пораст од 110 отсто на бројот на агресивни напади врз наставниот кадар од почетокот на оваа година во однос на лани. Како што пренесува АНП, учениците често се расправаат со професорите поради употребата на мобилни телефони на часовите. Во многу случаи на наставниците им била потребна лекарска помош, а понекогаш и родителите на учениците биле сторители на нападите.

Сепак, Националниот студентски сојуз не ја поддржа оваа одлука на владата на Џорџа Мелони и ја нарече уште еден чекор за зајакнување на авторитативната и казнена култура.

Најчитани вести