Пишува: Билјана Наумовска Тошевски – Дипл. земјоделски инженер
Кога сакаме да го опишеме животот на македонскиот земјоделец знаеме често да ја користеме изреката дека за нив нема ниту делник ниту празник. Сточарите со секојдневни обврски околу стоката зашто треба вистинска грижа околу животните, секое животно мора да се нахрани да се исчисти околу него а млекото да се измолзи. Истите обврски ги имаат и оние кои се занимаваат со растително производство, сеење, садење, прихрана, берба, пласман ако сево ова не се среди до вистинскиот момент – нема да има и резултат.
Затоа и велиме дека работата мора да оди зашто ниту растенијата, ниту пак животните не знаат за одмор, викенд или празник, тие си го бараат своето.

Да се навратиме некој ден наназад. За време на новогодишните празници и Божиќ кога сите се растрчавме во дуќаните и продавниците, купувавме се и сешто, полневме колички со месо за скара, зелена салата, разен зеленчук и овошје па го додадовме и неизбежниот пијалок на трпезата, пиво, ракија и вино. Сигурно дека мал дел од нас помислија на земјоделецот како го започнал денот на нива, лозје или штала, изморен, со полни раце работа, да се среди и спакува производот и што поскоро како свеж да се понуди на пазарот. А заборавивме дека токму благодарение на него уживаме не само во празниците туку и секој ден да ставиме на нашите трпези се она што одгледувал бришејќи ги капките пот кои упорно се тркалаат низ неговото лице. Мора да признаме, секој од нас, дека во овие кризни времиња колку е тешко и одговорно да се постигне да се произведе квалитетна храна.

Климатските промени, ковид пандемијата, војните….
Овие кризни ситуации не погодија сите нас, но најмногу земјоделците кои исто така се обврзале да произведат доволно храна за да се нахрани населението. Секоја чесна работа треба да знаеме да ја цениме но и нашите земјоделците треба да знаат дека благодарение на механизацијата, хемиската, енергетската и другите индустрии во голема мера можат да си ја олеснат работата. И затоа работата, од секаков вид, која придонесува за подобрување на животот на луѓето треба добро да се цени. Затоа и треба ова да го имаат на памет сите оние кои денес уживаат во плодовите на трудот на нашите земјоделци.

На крај се поставува прашањето каде е македонското земјоделство? Донекаде може да се каже дека нашето земјоделство во мал дел го претставува светот, особено ако се земе предвид дека, од една страна, постојат фарми кои ги применуваат принципите на воспоставената практика, кои не вклучуваат намалена употреба на инпутите и користат стара механизација и од друга страна модерни фарми кои применуваат прецизно земјоделство користејќи современи технички решенија. Сепак, мора да се признае дека сите заедно можеме да направиме нешто. Така, мора да се подигне колективната свест за важноста од зачувување на природните ресурси кои сме ги наследиле од минатите генерации и должни сме да им ги оставиме на идните. Мора да водиме грижа како да се зачува почвата, да користиме покривни култури и да не палиме растителни остатоци, кои се најчеста причина за пожари, што се прави под изговор дека нема соодветна механизација.
Со оглед на разликите меѓу фармите, за да одговориме на предизвиците на современото земјоделско производство, треба да ги вклучиме сите значајни институции за да го имаме денес за утре.


