Јавните набавки со години се слабата точка на локалните самоуправи: сложени процедури, сомнителни критериуми и постојан ризик од злоупотреби. Во пресрет на изборите, повеќето кандидати за градоначалници повторно нудат долги листи проекти без рокови и без објаснување како ќе се финансираат. Кандидатот на ДУИ за Чаир, Бујар Османи, се издвојува со нешто што досега речиси и не сме го виделе во локална кампања: јавно декларирани и оперативни механизми за спречување корупција.
Во средиштето на неговиот пристап е „Граѓанско око“, сет на алатки и мехамизми што ја отвораат целата постапка на јавни набавки за надзор на јавноста и независни експерти. Тендерите ќе се отвораат јавно, со директен пренос и трајно достапни снимки, за секој граѓанин да може да види како се избираат најповолните понуди. Постапките ќе бидат под надзор на организации од граѓанскиот сектор и антикорупциски експерти, со јасна улога во мониторингот, особено кај поголемите набавки. Доколку ова се реализира, таквиот надворешен, независен надзор е суштински исчекор за локално ниво, каде што обично одлуките се носат зад затворени врати.
Паралелно, Османи најавува „јавна каса“, онлајн алатка преку која во реално време ќе се гледаат приходите и исплатите на општината. Наместо агрегатни извештаи што се појавуваат со месеци задоцнување, граѓаните ќе добијат јасна слика каде одат нивните пари и што точно се плаќа. Системот, според најавите, ќе се надградува со алгоритми базирани на вештачка интелигенција кои ќе сигнализираат ризични плаќања и можни судири со законската рамка, чекор што треба да ја намали човечката пристрасност и да овозможи брза реакција.
Овој модел ја превртува логиката на локалната власт, наместо општината да очекува доверба, довербата треба да ја заслужи со целосна видливост на процесите, со проверливи траги и со отворени врати за оние што најчесто алармираат за злоупотреби. Ако ветеното се реализира, резултатот не е само „почист“ буџет, туку и повеќе средства за реални, мерливи проекти што граѓаните ги очекуваат—улици, зеленила, јавни простори и функционални комунални услуги.


