Во обид да ѝ се врати животот на Старата скопска чаршија, кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, пред занаетчиите од овој историски простор претстави сет конкретни мерки кои, како што рече, имаат цел да го сочуваат, но и развијат занаетчиството како живо наследство на градот.
„Старата чаршија е душата на Скопје, жив споменик на историјата, културата и традицијата. Но нејзината иднина зависи од луѓето кои ја одржуваат оваа традиција жива,“ изјави Османи на средба со еснафот.
Османи ги повика еснафите на заедничка мисија, да се запре процесот на исчезнување на занаетите кој е евидентен со години, и Чаршијата повторно да стане препознатливо и живо јадро на градот.
„Мајстор и ученик“: обнова преку знаење
Најавената програма „Мајстор и ученик“ предвидува систем на субвенции и стипендии кој би ја обновил некогашната пракса на пренос на занаетчиско знаење. Мајсторите кои ќе се обврзат да обучуваат млади ќе добијат финансиска поддршка, а учениците стипендии. За секој мајстор кој ќе ја отвори својата работилница за следната генерација ќе следува и јавна благодарност и признание.
Овој модел, иако едноставен, може да има долгорочен ефект не само во обуката, туку и во емоционалната врска што ќе се создаде меѓу младите и традицијата.
Финансиска поддршка и услови за работа
Османи најави и формирање на грант-фонд за занаетчии, кој би покривал основни потреби: алати, суровини, комунални трошоци, дури и закуп на дуќани во историскиот дел. Во време кога дел од занаетчиите едвај ги покриваат трошоците, ваквиот тип помош би можел да биде разликата меѓу затворање и опстанок.
Во комбинација со предложените субвенции, оваа мерка ја става општината во улога на активен партнер.
Од пасивна до интерактивна Чаршија
Во фокусот на предложениот концепт е и „Доживеј ја Чаршијата“, идеја за редовни месечни настани со отворени работилници каде посетителите ќе можат директно да го искусат процесот на изработка на предмети: бакарни садови, чевли, ткаенини, дрворезби.
„Посетителите ќе можат да гледаат како се изработува бакар, чевли, резба или ткаенина. Ќе учествуваат, ќе купуваат и ќе учат,“ вели Османи, уверувајќи дека токму ова ќе биде туристичка понуда број еден на градот. Во суштина вели Османи, Чаршијата треба да престане да биде само слика за разгледница и да стане интерактивен простор што живее со градот.
Дигитална и урбана интеграција
Преку онлајн платформа со ознака „Изработено во Чаршијата“, занаетчиите ќе добијат простор да се пласираат на дигиталниот пазар. Покрај тоа, најавена е и урбана интеграција на традиционални елементи во јавни простори, чекор што треба да ја доближи Чаршијата до секојдневниот живот на граѓаните надвор од нејзините калдрми.
Османи има идентитетска мисија за Чаршијата
Најавите на Османи не се ограничуваат само на економски или културни придобивки, туку идејата дека Чаршијата е простор со симболично значење за Скопје. „Туристите не доаѓаат овде само по храна, туку по историјата и карактерот што ја прави Чаршијата единствена,“ потенцира Османи.


