Федерален суд ја блокираше одлуката за распоредување на Националната гарда во Калифорнија

Федералниот суд во Калифорнија денеска ја блокираше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за распоредување на Националната гарда во сојузната држава во рамките на борбата против криминалот.

Окружниот судија во Сан Франциско, Чарлс Брејер, ја одложи конечната пресуда за ова прашање до 12 септември.

Трамп во јуни нареди распоредување на 4.000 членови на Националната гарда и 700 маринци во Лос Анџелес како одговор на протестите организирани поради масовните акции мигрантите. Распоредувањето на силите предизвика тензии во градот, како и осуди од демократите, а целиот случај иницира нови прашања за претседателските овластувања.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, демократ, во тужбата истакна дека распоредувањето ги крши долгогодишните американски норми и законот што строго го ограничува користењето на федералните трупи за одржување на редот во земјата. Администрацијата на Трамп тврдеше дека Уставот на САД им дозволува на претседателите да распоредуваат трупи за заштита на федералните средства и персонал.

Во јуни, судијата Брејер пресуди дека распоредувањето на калифорниската Национална гарда веројатно било нелегално и нареди нејзините членови да бидат вратени под контрола на Њусом. Сепак, една недела подоцна, Апелацискиот суд ја поништи одлуката.

Тридневното судење, што заврши на 13 август, се однесуваше на дејствијата на војската откако беа распоредени за да им помогнат на федералните и имиграциските агенти. Адвокатите на канцеларијата на главниот обвинител на Калифорнија се обидоа да докажат дека гардистите дејствувале како полицајци, со обезбедување на безбедносните периметри и приведување на две лица, и дека воопшто не биле потребни. Тие предупредија дека пресудата во корист на администрацијата на Трамп ќе „воведе огромна и невидена промена во начинот на кој војската е ангажирана во американското општество“.

Брејер изрази загриженост дека има премалку ограничувања на правото на воените команданти да одлучуваат кога да ги заштитат федералните агенти. Во времето на судењето, неколку стотици гардисти сè уште беа распоредени во Лос Анџелес, иако протестите одамна беа смирени. Трамп подоцна ја распореди Националната гарда да патролира во Вашингтон.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести