За утре во Нови Сад закажан протест на српските земјоделци од шест здруженија

Земјоделци од шест здруженија во Србија ќе започнат протест утре напладне во Нови Сад поради неисполнети претходни барања за гориво, кредити и долгови кон Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување. Тие најавија дека ќе дојдат со трактори до зградата на Покраинската влада и Собранието на Војводина.

Земјоделците нема да ги блокираат патиштата „освен ако полицијата не ги запре учесниците на протестот на пат кон нивната дестинација“. Утрешниот протест ќе започне напладне и ќе трае еден ден, а во случај државата да не ги исполни нивните барања во рок од десет дена, тие ќе продолжат со протестите.

Тие, исто така, ги повикаа граѓаните да ги поддржат.

Иницијативата за опстанок на српските земјоделци ги поддржува студентските протести уште од нивниот почеток пред 10 месеци, а оттогаш не преговарале со Министерството за земјоделство.

Српскиот министер за земјоделство, Драган Гламочиќ, по повод протестот на земјоделците најавен за понеделник во Нови Сад, изјави дека надлежното министерство е отворено за разговори со сите здруженија.

Тој исто така рече дека излегувањето на мал дел од стотици илјади трактори на улиците е „небитно“.

Гламочиќ рече дека Иницијативата за опстанок на земјоделците, со чии претставници разговарал минатата година, од самиот почеток изјавила дека не сака да разговара со ресорното министерство се додека траат студентските блокади и дека барањата што ги поставила се нереални – 300 евра по хектар, укинување на акцизите, каматата.

МИА

Најчитани вести