СП 2026: Најмалку две жртви по пласманот на Мексико во осминафиналето

 Најмалку две лица смртно настрадаа во Мексико Сити за време масовната прослава на пласманот на мексиканската фудбалска репрезентација во осминафиналето на Светското првенство, соопштија денеска градските власти.

Според министерот за здравство на мексиканската престолнина, 19-годишна девојка и 44-годишен маж го загубиле животот како последица на задушување. Локалните медиуми известуваат и за трет смртен случај, иако властите сè уште не го потврдија тоа.

Мексико рано изутринава по средноевропско време го совлада Еквадор со 2-0 на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, обезбедувајќи пласман во осминафиналето. Тоа е прв пат по 40 години мексиканската репрезентација да победи во натпревар од нокаут фазата на Светското првенство.

Според проценките на властите во Мексико Сити, повеќе од еден милион луѓе се собрале да слават на улиците на мексиканската престолнина, првенствено околу споменикот „Ангелот на независноста“ во центарот на градот.

МИА

Најчитани вести