Нова студија ги поврзува шпоретите на гас со еден од осум случаи на астма во детството, објави американската Комисија за безбедност на потрошувачки производи, истакнувајќи дека ќе ја разгледа нивната забрана.
Негативното влијание на овие уреди врз здравјето на луѓето е далеку поголемо, па на оние кои не сакаат или не можат да се откажат од шпоретите на гас, им се советува да следат неколку начини како да ги намалат нивните штетни ефекти.
Дали шпоретите на гас се извор на загадување на воздухот во затворените простории?
Без сомнение, да. Постојат два начини на кои шпоретите на гас ги загадуваат нашите домови. Првиот е најочигледен – кога се во употреба. Запалениот гас создава топлина што предизвикува кислородот и азотот да се спојат заедно во пламен. Тие се комбинираат за да создадат азотен оксид и азот диоксид, заеднички познати како NOx, кои можат да ги иритираат белите дробови. Но, тоа не е единственото соединение за кое треба да се грижите. Готвењето на гас може да испушта и јаглерод моноксид, честички, па дури и формалдехид. Сите тие имаат различни негативни здравствени ефекти и можат да влијаат на респираторниот и кардиоваскуларниот систем.
Сè поголем број истражувања покажуваат дека печките на гас испуштаат токсични соединенија дури и кога не се користат. Меѓу оние кои најмногу загрижуваат е бензенот, кој е канцероген. Студијата на „ПСЕ хелт енерџи“ (PSE Health Energy) открила бензен во 99 отсто од примероците земени во домовите во Калифорнија. Други откриени хемикалии вклучуваат ксилен, толуен и етилбензен, кои исто така може да предизвикаат респираторни проблеми, па дури и рак.
Дали помагаат аспираторите?
Апсолутно да. Вклучувањето на вентилацијата додека готвите е клучно за исфрлање на загадениот воздух надвор. Сепак, ова не е идеално решение, бидејќи загадувањето на воздухот во затворените простории само го претвора во загадување на воздухот на отворено. Но, тоа е подобро отколку да го имате во високи концентрации во вашиот дом каде што може повеќе да ги оштети вашите бели дробови.
За оние кои немаат аспиратори над шпоретот, Шонкоф вели дека дури и отворањето на прозорецот е добра тактика за прочистување на воздухот. Уште подобро би било да поставите вентилатор на прозорецот што ќе помогне да се извлече воздухот од затворениот простор.
Секако, најдобар начин да се намали загадувањето е воопшто да немате шпорет на гас.
извор: slobodenpecat.mk


