Објавен е документарниот филм „Framing Britney Spears“, посветен на животот и заробеништвото на мега популарната светска поп-ѕвезда Бритни Спирс. Филмот на режисерката Саманта Старк хронолошки ја следи кариерата на Бритни Спирс и медиумскиот линч што го доживеала во моментите кога нејзиниот приватен живот се распаѓал, а главно се занимава со деталите за старателството под кое пејачката се наоѓа во последните 13 години.
Таткото на Бритни, Џејми Спирс, има целосна контрола врз нејзините финансии и кариера, но и секој аспект од нејзиниот живот. Таа не смее да има деца, да се мажи, да одлучува за што било без негово одобрение како старател. Бритни се спротивстави на нејзиниот татко, да ѝ биде законски старател од самиот почеток, а од минатата година официјално бара со нејзините финансии да управува некој друг, кој ќе биде независен.
Филмот опфаќа детали од почетокот на кариерата на поп-ѕвездата, љубовните врски, изложеноста пред јавноста. Таа има две деца за кои старателството што ѝ е доделено е само 30 %. Во филмот се опишани настаните од 2007 година и се објаснети тековните разговори за нејзиното „старателство“ и движењето #FreeBritney.
Во 73 минути, продуцентката и режисерка Саманта Старк ги сумира подемите и падовите на Бритни, од тоа како стана големата ѕвезда до „полудувањето“ пред јавноста, вклучувајќи го и бричењето на нејзината глава и бркањето на папараците кои ѝ досадувале и ја „газеле“ на сличен начин како и принцезата Дајана. Документарецот, исто така, ги покажува скандалите од минатото, гледани од денешна перспектива, особено делот на разбирањето за менталното здравје и двојните, посебни „аршини“ за мажите и жените.
По објавувањето на документарниот филм, јавноста се занитересира за нејзиниот живот под старателството на таткото Џејми. Беа откриени досега непознати детали, како на пример фактот дека Бритни барала од судот да го објави нејзиниот случај јавно за јавноста да има пристап до деталите од сите рочишта, но и увид во сите документи во нејзиниот случај.

Движењето под слоганот „Ослободете ја Бритни“ започна во мај минатата година, кога обожавателите на пејачката инсистираа да се земат предвид нејзините желби и да се преиспитаат условите за старателството, бидејќи таа нема апсолутно никаква слобода. Таа не може сама да ја напушти куќата, да оди на кафе, да има мобилен телефон, да вози автомобил или да дава какви било изјави за медиумите. Од друга страна, членовите на движењето истакнуваат дека Бритни е доволно способна да сними албум, светска турнеја и сите други придружни промотивни активности што нејзиниот татко ги договорал во нејзино име 13 години.
Во филмот постојат и неколку тажни сцени од животот на Бритни, односно сите недостатоци на славата и животот под лупата на јавноста.
Филмот ја нагласува и улогата на медиумите, кои не ја оставија на мира. Папараците будно ги следеа нејзините стапки, бидејќи нејзините фотографии се продаваа за неверојатни суми на пари, некои и за шестцифрени броеви, па затоа не се ни преправаа дека се добри, бидејќи Бритни за нив била профитабилен бизнис. Таа многу често во интервјуата велеше дека сака само папараците да ја остават на мира.
И додека мажите се интересирале за нејзините гради и невиноста, жените ја осудувале за наводно лошото влијание врз младите. Кога Бритни беше во екот на најголемата слава, сопругата на поранешниот гувернер на Мериленд, во едно интервју изјави дека „Да можам, ќе ја убијам Бритни Спирс, ќе го направев тоа“ и никој не го осуди ваквиот вид на таргетирање на поп-ѕвездата.
Американската новинарка и водителка Дајан Соер ја соочи пејачката со оваа ужасна изјава едно интервју. Новинарката ја правдаше смртната закана велејќи дека Бритни е позната како лош пример за децата кои стануваат сè потешки за воспитување, а љубезниот одговор на Бритни ја шокираше:
„Toa што го вели е тажно, но не е моја работа да ги чувам нејзините деца “.
Кога се случи разделбата со Џастин Тимберлејк, се разбира, според медиумите, за сè беше виновна Бритни.
Приказната беше целосно раскажана од негова гледна точка, а Бритни немаше шанса ни да да се брани. Сепак, Кевин Танчориан, поранешен резервен танчер и директор на турнејата на Бритни, рече дека Џастин направил „кретенски“ работи.
-Никогаш не е потврдено дали Бритни изневерила или не, но Тимбелејк гостувајќи во радио програма, отворено се фалеше и го раскажуваше сексот со неа, што е кретенски, рече тој.
Кога се заврши четиргодишната врска меѓу Џастин и Бритни, сите ја обвинија Бритни, а Тимберлејк тогаш ништо не кажа за да ја одбрани, иако ѕвездата му донесе многу пари.
Дури сега 40 годишната ѕвезда јавно се извини на Бритни Спирс и Џенет Џексон за своите „грешки од минатото“. По објавувањето на филмот, фановите го затрупаа со коментари, а тој призна дека многу заработил од индустријата што промовирала расизам и мизгонија.

Медицинската документација на Бритни Спирс не е достапна за јавноста и може само да се шпекулира за дијагнозите што ѝ се поставени, но целиот свет беше сведок за нејзиното психичко растројство.
Документарниот филм брутално ги обработува причините што довеле до тоа и каде да се бараат виновниците за нејзиното страдање. Ја изневерија луѓето на кои им веруваше, најмногу мажите кои беа најважни во нејзиниот живот, а ја изневери и цела армија од фанови кои не застанаа зад неа кога ѝ требаа најмногу.
]]>


