Руралниот туризам бележи константен раст во светот. На тоа секако придонеле некои современи глобални трендови како што се заштита на природата, престој во природа, како и зачувување и повторно оживување на локалните традиции, обичаи, културно-историски споменици, а сето тоа на темелите на одржливиот развој. Руралниот туризам успешно ги вклопува сиве овие елементи во својата понуда па затоа и не е чудно што сè повеќе туристи патуваат во руралните предели.
Кај руралниот туризам важни се традицијата, културните вредности, односот кон природата, спецификите на одреден простор, историјата, но клучен носител на толкувањето на сите вредности е човекот. Истовремено, руралниот туризам е важен во активирањето и одржливиот развој на руралните средини бидејќи помага во зачувување на локалниот идентитет, традиции и обичаи, ја штити животната средина, го зајакнува автохтоното, традиционалното и еколошкото производство и го помага развојот на руралните средини засновани на одржливи развој.

Да се занимаваш со рурален туризам на прв поглед е многу едноставно. Сепак, да пречекаш гости и да креираш туристичка понуда е напорна и интензивна работа која бара многу лична посветеност и пожртвуваност. Интересен е фактот дека се повеќе туристи сакаат да престојуваат во руралните туристички дестинации, се повеќе од нив се одлучуваат за пократки патувања и престој во уникатна природна средина, далеку од градската гужва, запознавање на културата и обичаите во разни места, дегустација на традиционални специјалитети, локална храна и пијалоци.

Интерес привлекуваат новите сеуште неоткриени дестинации како и подрачјата кои не се доволно развиени. Со користење на стимулации кои се актуелни преку Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство со поддршка од ИПАРД 3 има можност да инвестирате во Рурален туризам. Доколку планирате да инвестирате во рурален туризам, Мерка 7 од ИПАРД 3 програмата е токму за вас, бидејќи преку неа имате можност да добиете поврат на средстства во висина од 60% од инвестицијата.
Минатата година имаше повик за Мерка 7 од ИПАРД 3 и според бројот на апликациите кои пристигнале во Платежната агениција, интересот бил голем. Се аплицира за ресторани, мини хотели, реконструкција на стари куќи, изградба на нови апартмани и бунгалови.
Годинава повторно се најавува повик за Мерка 7 и се очекува исто така голем интерес и од оние инвеститори кои не стигнаа со обезбедувањето на потребната документација околу градежни дозволи и други документи. Основен услов за аплицирање е инвестицијата да се наоѓа во рурално подрачје или населено место до 30 000 жители. Еве кои се другите услови за 600.000 евра грант од ИПАРД за рурален туризам
Кој може да аплицира
– Физички лица:
- Лице регистрирано во Единствениот регистар на Семејни земјоделски стопанства
- Регистриран индивидуален земјоделец
- Физичко лице регисрирано како: занаетчија, угостител, трговец поединец,
– Правни лица (микро и мали претпријатија):
- Правни лица регистрирани во Централен регистар, кои не вработуваат над 50 вработени и немаат годишен обрт над 10 милиони €.
-Задруги
- Задруги регистрирани во Централен регистер согласно законот за задруги.
За што може да се аплицира во руралниот туризам
- Сместување во соби, апартмани, кампови, бунгалови – Инвестиции во градба / реконструкција за туристички цели во рурални средини мора да го следат традиционалниот стил на градба.
Доколку барателот е физичко лице, инвестициите во градба / реконструкција за туристички цели за сместување и / или ресторански услугисе ограничени на:
- 10 соби (20 гости)
- 10 сместувачки единици за сместување на отворено (30 гости)
- 50 гости за ресторански услуги
Доколку барателот е правно лице, инвестициите во градба / реконструкција за туристички цели за сместување и / или ресторански услугисе ограничени на:
- 20 соби (50 гости)
- 30 сместувачки единици за сместување на отворено (90 гости)
- 150 гости за ресторански услуги
- Готвење и служење на храна
- Соби за дегустација / продажба.
- Рурални музеи
- Простории за семинари / обуки,
- Едукативни фарми
- Рекреативни активности на туристите.
Прифатливи трошоци
- Прифатливи трошоци се: градежни материјали и елементи за изградба на нови објекти или реконструкција и адаптација на постоечки објекти (згради и инфраструктура за целосно функционален капацитет).
- Инсталација на соодветна опрема
- Обезбедување на хигиенски и санитарни услови
- Помошни простории
- Капацитети за внатрешно и надворешно сместување и за рекреативни цели
- Обезбедување на пристап, уредување и оградување
Инвестицијата треба да биде во рурална средина и тоа спотед листата на Населени места определени како рурални области кои можат да користат средства од ИПАРД. Рурални подрачја според ИПАРД се населени места до 30.000 жители. Тоа значи дека за Мерка 7 од ИПАРД може да аплицираат баратели чии инвестиции се во села, населени места но и помалите градови како Берово, Пробиштип, Богданци, Дебар, Кратово, Кочани, Делчево и други.
Документи кои се потребни при изградба на објектот и набавка на опрема се:
- Барање за користење на средства (кое ќе ви помогне да го пополните консултантска куќа или сами)
- Фотокопија од важечка лична карта или пасош на одговорно лице
- Диплома или сертификат за завршен курс/обука за вршење на економската активност или изјава дека до крајот на инвестицијата ќе помине таква обука
- Доказ дека правното лице не е во постапка на стечај
- Доказ дека правното лице не е во постапка на ликвидација
- Доказ дека врз барателот не е изречена прекршочна санкција за вршење професија, дејност или должност
- Изјава за големина на субјект (консултантска куќа)
- Потврда дека едно одговорно лице е во редовен работен однос во правното лице од АВРМ
- Уверение за платени даноци и придонеси од УЈП
- Потврда од локалната самоуправа – општината, дека инвестицијата е во согласност со стратегијата за локален економски развој
- Имотен лист за земјиштето каде ќе се гради објектот
- Доколку е изнајмено потребен е и договор за закуп не пократок од 7 години од денот на аплицирањето и тој договор да биде прибележан во имотниот лист
- Решение за одобрен елаборат од министерство за животна средина (или поднесено Барање за издавање на решение за одобрен елаборат за заштита на животната средина за проектот)
- Три понуди од различни добавувачи за секоја ставка придружени со техничка спецификација
- Копии од лиценци за градба за секој понудувач
- Договор за општи трошоци
- Фактура за платени општи трошоци
- Понуда за општи трошоци
- Одобрение за градба, реконструкција, адаптација на објект
- Копии или електронска форма од основните технички цртежи и предмер пресметка од ревидирана техничка документација
- Деловен план
За руралниот туризам може да се каже дека претставува релативно нова туристичка дејност која има свои предности а целта е да се врати човекот на традиционалните вредности и природната средина. Во исто време, важно е да се напомене дека руралниот туризам не се појавил само како потреба од нови туристички капацитети, туку за зачувување и ревитализација, односно заживување и обезбедување на нова дополнителна вредност на наследеното наследство и автентичната промоција на традиционалните знаења и вештини преку организацијата на атрактивна и оригинална туристичка понуда. Како една од главните задачи на руралниот туризам, акцентот е ставен да им се даде шанса на руралните жители за подобра заработка и спречување на емиграцијата на младите од руралните средини. Во руралниот туризам им се овозможува на домаќините да ги ангажираат сите членови на домаќинството, како и да продаваат производи од сопствено производство.
Нашава мала земја им должи на своите села и на нивните жители да ја зачуваат разновидноста на пејзажот и културата, како и на природното наследство. Имаме многу реки, безброј притоки и потоци, многу планини, долини, ливади и шуми со живот кој пулсира во секоја пора на земјата, секоја капка вода. Македонското богатство е во нашите села, во традицијата која го негува природното и културното наследство на различните пејсажи и луѓе.


