Се продава пентхаус на врв на облакодер на Менхетен: Цената „ ситница“

Пентхаус на врвот на зградата Стенвеј тауер во Менхетен, Њујорк, кој е познат како најтенкиот облакодер на светот, се појави на продажба по цена од 110 милиони долари.

Станува збор за квадриплекс кој се протега од 80-тиот до 83-тиот кат на зградата Стенвеј тауер и нуди пет спални соби, шест бањи и две тераси, како и поглед од 360 степени на Њујорк, вклучувајќи го и Централ парк.

На првиот кат од квадриплексот, дизајниран од Студио Софилд, има „ апартман за забава“, додека „примарниот апартман“ е на третиот кат и е поврзан со „крунскиот апартман“, кој содржи бар и соба за проекција, пренесува Си-Ен-Ен.

Облакодерот „Стенвеј тауер“ е изграден во 2022 година и е висок 435 метри, а широк само 18 метри, што, според многу експерти, го прави најтенкиот облакодер во светот.

Односот на неговата висина и ширина е 24 спрема еден. Фасадата на облакодерот содржи блокови од теракота, материјал кој се чини дека ја менува бојата и текстурата кога се гледа под различно осветлување и од различни агли.

Облакодерот се наоѓа во таканаречениот „Ред милијардери“, односно во областа на луксузните згради околу Њујоршкиот Централ парк каде живеат некои од најбогатите луѓе на светот.

Во облакодерот има и 25-метарски долг базен, а станарите можат да уживаат и во сликите на уметниците како Пабло Пикасо и Анри Матис.

Најчитани вести