Наум, Невена и Калина Нешкоски, брат и две сестри со македонско потекло кои живеат во САД, ќе бидат вклучени во една од новите епизоди на светски познатата анимирана серија „Симпсонови“ (The Simpsons).
Како што информира Невена, креаторите на серијата решиле да претстават лик – спортист кој доаѓа од Македонија и станува нова сензација во градот Спрингфилд. Иако со доза на хумор и иронија, ликот ќе биде претставник на, како што велат од екипата, „најпопуларниот и најисконски македонски спорт“ бејзбол.
Нешкоски, познати и како креатори на детскиот едукативен јутјуб-канал „Дарко Биберко“, имале повеќекратна улога во подготовката на епизодата – од превод, преку консултации, до интерпретација на песна која ја испеале на македонски јазик.
Епизодата ќе биде емитувана во недела, на 27 април, во 20:00 часот по источен часовен појас на американската телевизија Фокс, односно во 2:00 часот по полноќ по македонско време.
Соработката, како што додава Невена, била овозможена благодарение на композиторката Кара Талве.
извор: slobodenpecat.mk


