Студентско чудо: 157 „десетки“ на медицински факултет во шеста година, професорот не може да поверува

На испит на медицинскиот факултет на Универзитетот во Тузла, дури 157 студенти, односно сите кои полагале, положиле со 10, а професорот сака да ги поништи резултатите бидејќи речиси сите студенти кои го полагале имале максимум или скоро максимален број поени.

Професорот по „Анестезиологија, реанимација и интензивно лекување“, Семир Имамовиќ сака да го поништи овој испит со причина дека постои „оправдано сомневање за неправилност на испитот“.

„Испитот се одржа во понеделник, на 1 февруари, а јас започнав да го прегледувам во вторникот. Кога видов дека сите тестови се сосема исти и дека сите имаат точни одговори, завршив со оценувањето за околу 45 минути. Секако, веднаш го повикав деканот да видам што да правам затоа што тоа навистина е, не само сомнително, туку и неверојатно. Испитот го подготвував на мојот компјутер на работа … Денес се сретнав со претставници на студентите и разговаравме скоро 2 и пол часа. Се обидовме да најдеме решение, им велев дека „препишувале“, ме убедуваа дека сите научиле фантастично. Сепак, јас сум предавач на Медицинскиот факултет веќе 12 или 13 години и никој не може да ме убеди дека апсолутно сè може да се знае на еден испит“ изјавил професорот Имамовиќ за Аваз.

Во демантот на студентите од шеста година на Медицинскиот факултет во Тузла се вели дека „испитот се одржал во три термини во согласност со епидемиолошките мерки. Полагањето било надгледувано од асистенти избрани од професорот, и ниту еден студент не бил отстранет за време на испитот поради сомневање за препишување. Професорот неколку пати за време на предавањето истакнал дека материјалите од факултетската платформа се единствената литература за подготвувањето на испити“.

Студентите нагласија дека прашањата биле формулирани од препорачаната литература, а тестот се состоел од 16 прашања, со три понудени одговори, од кои точниот требало да се заокружи.

Тие не гледаат ниту еден аргумент во корист на професорот и неговотоо барање да се поништи испитот.

„Доколку има сомневања за хакерски напад, го покануваме професорот да поднесе кривична пријава против лицето за кое се сомнева дека го украло тестот и да го предаде неговиот компјутер за вештачење до надлежните органи. Исто така, ги повикуваме Деканатот на Медицинскиот факултет, Ректоратот на Универзитетот во Тузла и надлежните органи да го испитаат случајот затоа што сметаме дека е надвор од етичкиот кодекс да се води „медиумска војна“ со професорот , што само им штети на студентите и нивните семејства. Недозволиво е 157 студенти на кои им преостануваат само неколку испити до крајот на факултетот, да бидат линчувани во медиумите, и означени како неспособни, мрзливи и крадци“, порачаа студентите.

]]>

Најчитани вести