Американскиот претседател Џо Бајден се уште не одлучил дали повлекувањето на меѓународните сили ќе биде продолжено поради ситуацијата на аеродромот во Кабул.
Се очекува Бајден да ја донесе таа одлука во следните 24 часа.
Талибанските групи зазедоа неколку бази на ОН во Авганистан. Те ги претресувале канцелариите, а во еден случај побарале од стражарите да им обезбедат храна за командантот и неговите луѓе, се вели во внатрешниот извештај на ОН.
„Талибанците не советуваа да останеме во базата заради наша безбедност, што значи дека мора да им бараме дозвола пред да ги напуштаме просториите“, се вели во извештајот на Одделот за безбедност, пренесе „Ројтерс“.
Велика Британија пак не верува дека може да се испочитува рокот.
Британскиот премиер Борис Џонсон и другите лидери на Г7 не успеаја да ги убедат САД да ги задржат војниците во Авганистан за да продолжат напорите за евакуација до крајот на месецот, јави ДПА.
Се очекуваше британскиот премиер да изврши притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да ги задржи своите сили на терен после 31 август, бидејќи тие обезбедуваат сигурност на аеродромот во Кабул за да им се овозможи на луѓето да ја напуштат земјата.
Но, по вонредниот состанок на лидерите на Г-7, со кој претседаваше Џонсон, Бајден рекол дека рокот останува во сила.
– Ќе направиме сè што можеме до последна минута, но слушнавте што рече претседателот на САД, слушнавте што рекоа талибанците, рече Џонсон и изрази увереност дека можат да се извлечат илјадници други. Сепак тој истакна дека ситуацијата на аеродромот не се подобрува.
Џонсон рече дека лидерите се согласиле за „условот број еден“ по 31 август, талибанците да мора да обезбедат „безбеден премин за оние што сакаат да излезат“.
]]>


