Зелениот лиснат зеленчук е најважната храна во секоја диета, има многу здравствени придобивки и е незаменлив во нашата исхрана, а сепак – зелената салата, благодарение на тоа што лесно ги „собира“ бактериите, може да биде и најризична.
Имено, американскиот „Consumer Reports“ неодамна објави листа на неколку од најризичните намирници, а она со што се занимавале е првенствено анализа на податоци за потенцијални болести кои се пренесуваат преку храна.

На прво место, како што објаснуваат, е зелениот лиснат зеленчук, поконкретно зелената салата, па дури и труења со смрт се поврзуваат со свежата зелена салата и салатите спакувани во кеси, како што најчесто се случува во супермаркетите.
Еден од изворите на нивна контаминација е водата што се користи за наводнување на полињата со зелена салата. Како што објаснуваат авторите на студијата, најголемиот ризик е токму во кесите со спакувана зелена салата на кои пишува дека е веќе измиена, па многу луѓе воопшто не ја мијат пред консумирање, што е голема грешка.
„Помеѓу 2014 и 2021 година, имаше 78 епидемии на болести кои се пренесуваат преку храна, поврзани со зеленило (главно зелена салата). Само треба да преземете неколку мерки на претпазливост“, советува Consumer Reports, бидејќи понекогаш дури и миењето на листовите зелена салата не ги отстранува целосно бактериите.

Што велат нашите нутриционисти?
„Факт е дека спакуваната салата носи малку поголеми ризици од стандардната што ќе ја најдете на маркетите, но факт е дека и таа „обична“ салата носи ризици од салмонела.
Овие намирници носат голем ризик бидејќи се минимално обработени по берењето и се јадат сирови, па затоа внимавајте како можете да се заштитите. Впрочем, претпазливоста никогаш не е доволна.
„Пред се, добро измијте ја салатата, дури и кога на пакувањето пишува дека не е потребно. Само внимавајте да ја измиете на чиста површина и салатата да не дојде во допир со нешто што може да биде загадено со бактерии“, нагласуваат нутриционистите.

Како да се намали ризикот од инфекција
Некои експерти велат дека натопувањето на лиснато зеленило во бел оцет (или раствор од оцет и вода) околу 10 минути, а потоа миење со вода може да помогне да се намали нивото на бактерии (иако сепак ќе останете со кисел вкус), а д-р Џејмс Е. Роџерс, директор за истражување и тестирање за безбедност на храна во Consumer Reports, вели дека изложувањето на одредени температури би било паметно.
Дополнително, колку подолго стои зелената салата во кеси или кутии, толку повеќе има можности за развој на бактерии, па затоа купувајте пакувања со рок на траење што е можно подалеку во иднина и не купувајте повеќе отколку што можете да јадете за неколку дена.


