Горан Бреговиќ, познатиот музичар и фронтмен на бендот Бијело Дугме, се соочува со можно одземање на имотот поради комунален долг од само 55 евра, иако вилата на Горан Бреговиќ, на која се однесува долгот, била продадена пред шест години.
Бреговиќ во 2006 година од поранешниот хрватски премиер Хрвој Шариниќ купи вила во елитната населба во Загреб за 450.000 евра. Куќата од 550 метри квадратни ја издавал за 5.500 евра месечно со години, а во 2019 година ја продал на семејството Слежак од Херцеговина. Новите сопственици ја срушиле старата вила и на нејзино место изградиле две луксузни урбани вили. Но, промената на сопственоста не ја пријавиле во комуналните служби, па сметките сеуште стигнувале на име на Бреговиќ.
Поради неплатени комуналии, против музичарот е поведена постапка, иако е јасно дека долгот не е на него, туку на семејството Слежак, кое официјално се води како сопственик на имотот.
Ова не е првпат Бреговиќ да има проблеми поради оваа адреса. Веќе беше тужен бидејќи новите сопственици не платиле струја од август 2019 до јули 2020 година, а сличен случај имало и за неплатени сметки за вода.


