Најновото истражување покажа дека секојдневното туширање, спротивно на досегашното верување дека може да и наштети на кожата, всушност не доведува до нејзино сушење и потенцијални последици како егзема и псоријаза, објавија денеска британските медиуми.
Британскиот дерматолог Розалинд Симпсон од Универзитетот во Нотингем изјави дека истражувањето, во кое биле опфатени 483 лица со егзема, покажало изненадувачки резултати, пишува „Гардијан“. Пациентите биле поделени во две групи, од кои едната се туширала секојдневно, а другата еднаш или двапати неделно.
„Би очекувале дека секојдневното туширање ќе ја исуши кожата и ќе ги влоши симптомите на егзема, но тоа не е така“, рече таа, додавајќи дека нема разлика во симптомите меѓу двете групи испитаници.

Преовладуваше верувањето дека секојдневното туширање ја отстранува природната заштита на кожата и корисните бактерии, како и доведува до пукање на кожата, во која потоа можат да навлезат алергени и бактерии кои предизвикуваат егзема и псоријаза, пишува „Гардијан“.
Д-р Симпсон посочи дека честото капење нема никаква врска со сувоста на кожата, иако може да доведе до иритација на кожата ако изложувањето на вода трае долго. „Затоа се подобри пократки туширање со поладна вода“, рече таа и додаде дека треба да внимаваме и на видот на сапун, гел за туширање или производи за бричење што ги користиме.
„Подобро е да се изберат производи со што помалку различни состојки, за да се избегне иритација на кожата“, вели Симпсон. Според неа, најдобро е секој да избере рутина за туширање што ќе прави да се чувствува добро, и да го прави она што им одговара на нивната кожа, пишува Б92.


