Исхраната не може во целост да го спречи ракот, но може да игра клучна улога во неговата превенција и закрепнување. Експертите истакнуваат дека правилниот избор на храна може да го намали ризикот од враќање на болеста.
Ракот е една од најтешките болести на денешницата, а неговото рано откривање и адекватен третман може значително да ги зголеми шансите за закрепнување.

Иако исхраната не е единствениот фактор за развој на тумори, одредени намирници може да го зголемат ризикот, додека други можат да придонесат за зајакнување на организмот и подобра толеранција на терапијата.
Д-р Ема Морис, која го победила ракот во третата фаза пред шест години, денес споделува совети за здрава исхрана и закрепнување. Таа истакнува дека е важно чинијата секогаш да содржи најмалку две третини од растителна храна и не повеќе од една третина од животински протеини.
– Јадете што повеќе грав и мешунки, тие се богати со влакна и го намалуваат ризикот од повторување на ракот. Исто така, многу е важен и внесот на посни протеини – советува Морис.

Протеините од растително потекло, како што се мешунките, јаткастите плодови и семките, се препорачуваат за луѓе кои се подложени на третман или во фаза на закрепнување. Ако се консумираат животински протеини, најдобри се посни опции како пилешко и риба.

Овие намирници треба да се избегнуваат – Алкохолот го зголемува ризикот од рак, па најдобро е целосно да го елиминирате или барем да го намалите внесот. Исто така, месните производи, колбасите, сланината и сувото месо се директно поврзани со зголемување на ризикот од болести – предупредува лекарката.
Правилната исхрана може да биде силен сојузник во борбата против ракот, но и клучен фактор за одржување на здравјето на долг рок, пишува Информер.


